Постови:4
Коментари:0
Датум:26.09.2016

Комитетот за реформи во јавната администрација предложи систем кој ќе го определува оценувањето на службениците

Скопје, 13 октомври 2011

Комитетот за реформи во јавната администрација при Владата на Република Македонија, денеска одржа состанок на кој се разгледуваше Стратегијата за реформи на јавната администрација и акционите планови за нејзина имплементација.

 

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, Комитетот донесе препорака да се предложи систем кој го определува оценувањето на јавната администрација и тој да биде разгледан на владина седница.

 

Членовите на Комитетот ги разгледуваа модалитетите за унапредување на системот за оценување на вработените во јавната администрација, при што беа акцентирани можностите за вертикално оценување од страна на непосредното раководно лице на организационата единица, вертикално оценување на раководното лице од лицето што работи за него, како и можностите за хоризонтално оценување на административците од страна на колегите кои извршуваат слични работни задачи во рамките на службата. Оние вработени кои што се во директен контакт со граѓаните, ќе бидат оценети и од граѓаните.  

 

Комитетот го разгледа напредокот на државните институции и органи за имплементирањето на системот за размена на документи по службена должност за потреби од значење за граѓаните. Ова, како што се потсетува, значи дека граѓаните повеќе не се  обврзани да ги обезбедуваат дополнителните документи за определена потреба, туку оти со самото поднесување на иницијален документ за определена потреба, државните институции и органи ќе имаат обврска да ги обезбедат сите останати потребни документи кои ги издаваат други органи и институции.

 

На седницата е разгледувано и прашањето за понатамошно унапредување на проектот Е-владеење, кој беше позитивно оценет од страна на Европската комисија, во насока на унапредување на можностите и перформансите на системот за уште поефикасно и поефективно сервисирање на јавните потреби.

 

Комитетот разгледуваше и останати прашања во насока на изградба на модел за професионална, деполитизирана и стручна администрација, со особен осврт на прецизирање на системот на влез и кариерен напредок на административците, преку системот на компетенции, знаења и вештини.

Претходно
Коментари